Путин презема чекори за испраќање војска на Крим

01.03.2014 17:28

Путин побара дозвола од долниот дом на парламентот за ангажирање руска војска на Крим. 6 илјади руски војници веќе се распоредени на полуостровот, обвинува Киев. Новите кримски власти распишаа референдум за неговиот статус на 30 март.

Путин побара дозвола од долниот дом на парламентот за ангажирање руска војска на Крим. 6 илјади руски војници веќе се распоредени на полуостровот, обвинува Киев. Новите кримски власти распишаа референдум за неговиот статус на 30 март.

Украина полека ја губи контролата над Крим. Референдумот за отцепување е закажан на 30 март. Припадници на руската Црноморска флота се распоредија на полуостровот заедно со вооружената милиција. Цивилните аеродроми и воздухопловството на Симферопол го затворија воздушниот простор. Новиот проруски премиер Аксионов се прогласи за генерал на војската и полицијата.

„Сите команданти отсега примаат наредби од мене. Тие што не се согласуваат нека си дадат оставка. Свесен за одговорноста за животите и безбедноста, барам помош од рускиот претседател Путин за заштита на мирот и територијата на Крим“, изјави Сергеј Аксионов, премиер на Автономна Република Крим.

Кремљ призна дека пратил руска војска на Крим. Украинските власти веруваат дека веќе се работи за 6 илјади војници. За сега нема знаци на вооружен бунт, освен вооружените патроли без ознаки. Киев се соочува со тешка ситуација и бара преговори за да избегне веќе видени сценарија, но тврди дека е способен за самоодбрана.

„Руското присуство на Крим е провокација, но не успеаја да ја натераат Украина да реагира со сила. Свесни сме дека сакаат да предизвикаат нова Осетија на територијата на Украина, со жртви, крв и граѓанска војна“, рече преодниот премиер на Украина Арсениј Јаценјук.

Обама ја предупреди Русија, но Думата веднаш му удри шлаканица – од Кремљ побара да го заштити Крим од тиранија и насилство. Лондон се обидува да ја убеди Москва на деескалација. Берлин ги опиша настаните во изминатите часови како опасни.

„Се мора да се реши денес за да се заштити територијалниот интегритет на Украина. Ситуацијата на Крим не загрижува“, оцени канцеларката Ангела Меркел.

Советот за безбедност на Обединетите нации одлучи да формира мониторинг група за Украина и механизам за итни консултации.

 

Ивана Салтировска