Димитров: Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас
Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Сакаме да го затвориме поглавјето на идентитетските прашања, НАТО и ЕУ. Тоа се трите цели кои сакаме да ги постигнеме- порака на министерот за надворешни работи Димитров. Во МАНУ трета јавна расправа за нацрт- уставните амандмани...

Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Сакаме да го затвориме поглавјето на идентитетските прашања, НАТО и ЕУ. Тоа се трите цели кои сакаме да ги постигнеме, вели министерот за надворешни работи Димитров. Договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања- трета јавна дебата во МАНУ за нацрт-амандманите на Уставот.
„Во регионот во последниве години имаме повторно натпревар на големите играчи во геополитичка смисла, така што го немаме луксузот да чекаме некој друг ова да го реши или да се справи со ова прашање. Мора да преземеме одогворност и да водиме сметка што ќе биде со нашата Македонија“, нагласи шефот на дипломатијата, Димитров.
Димитров посочи дека ние не сме членки на НАТО, многу често пред нас стои ПЈРМ, никаде не стои македонски јазик. Ние имаме најголем интерес да се заврши ова прашање, истакна тој пред академиците. Посочи на одредени предлози кои би можеле да станат дел од уставните измени и за кои би сакал да слушне мислење на дебатата.
Според академикот Таки Фити, договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања и со него се решава едно историско прашање. Треба да се земат предвид, вели Фити, сите придобивки од ова решение и овој спор, посочувајќи на евроинтеграциите, но и на економските бенефити.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека Преспанскиот договор е историски договор постигнат во, како што кажа, една историска година за нас и дека тој ќе тргне еден голем камен што се провлекуваше со години. Укажа на позитивните аспекти од влезот во НАТО и ЕУ, но и на ризиците.
