Дебата за уставните измени: Преспанскиот договор е историски компромис
Најголемата штета од нерешавањето на спорот со Грција е врз нас. Сакаме да го затвориме поглавјето на идентитетските прашања, НАТО и ЕУ. Тоа се трите цели кои сакаме да ги постигнеме, вели министерот за надворешни работи Димитров. Договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања- трета јавна дебата во МАНУ за нацрт-амандманите на Уставот.

Преспанскиот договор е историски компромис меѓу Македонија и Грција. Се отстранува децениски спор кој ја кочеше економијата, народот и воопшто напредокот на државата, рекоа говорниците на третата дебата за уставните измени.
Првиот човек на Македонската академија, Таки Фити смета дека идентитетските прашања се зацврстени, но недостасува дебата околу преименувањето на МАНУ, Македонската телевизија или Институтот за македонски јазик.
Академик Камбовски и професорот Шкариќ сметаат дека Преспанскиот договор преставува пример како на мирен начин, преку дијалог се решаваат конфликти. Шкариќ дури смета дека договорот со Грција треба да влезе во Уставот бидејќи е од посебно значење.
Сами оставени на маргините од Европа, земјата не може да има нормален економски развој истакнаа министрите Димитров и Османи. Според нив, Македонија преку договорите со Грција и Бугарија стана извозник на модели како се решаваат спорови на европски начин.
Дебатите за уставните измени продолжуваат следната недела.
Миле Ристески
