Иванов: Небулозни се тврдењата дека се подготвувала воена состојба на 27-ми април

07.12.2018 14:29

Небулозни се тврдењата дека вечерта на 27-ми април наводно се подготвувала воена состојба. Се огласи претседателот Иванов по сведочењето на Василевски во судот за собраниските настани. Тоа е очаен обид да се сврти внимание од главните креатори на настанот кон шефот на државата и неговиот кабинет, вели претседателот. За 16 часот и 45 минути најавено обраќање на Иванов до нацијата...

Шефот на државата Ѓорге Иванов ги отфрли како небулозни тврдењата што се изнесоа на рочиштето за собраниските настани дека вечерта на 27-ми април требало да прогласи воена состојба. Иванов смета дека сведочењето е очаен обид да се сврти вниманието од главните креатори, но штом судот донесе одлука, вели претседателот, ќе се знае кои се главните актери што стојат зад инцидентот, кој го испланирал и режирал, а ќе се утврди и мотивот.

Обвинетиот Александар Василевски- Нинџа прстот го впери кон Генералниот секретар во кабинетот на претседателот Борис Јосифовски за кого тврдеше дека зборувал оти Иванов вечерта на 27-ми април се подготвувал да прогласи воена состојба. Шефот на државата објаснува дека соработниците од неговиот кабинет што биле споменати на рочиштето веќе биле во обвинителството и кажале сѐ што знаат во врска со настанот.

На судењето беше изнесено дека Иванов наводно ја повлекол одлуката за прогласување на воена состојба под притисок на странски фактор. Претседателот ги повика сите оние што пласираат вакви информации да се јават во амбасадите и да прашаат дали некој вршел влијание врз него и неговиот Кабинет.

 

Анита Димитријевска