Препораки за заштита од загадениот воздух
Министерството за здравство со препораки за заштита од аерозагадувањето. Доколку ПМ-10 честичките два дена по ред се над 100 микрограми на кубен метар, треба да се ограничи престојот на отворено, посебно на хронично болните и на децата, и да се користи јавниот превоз. Ослободување од работа на трудниците и на лицата постари од 60 години ако вредностите се над 200 микрограми...

Препораки за заштита од аерозагадувањето. Министерството за здравство ги советува граѓаните да не изглегуваат надвор кога е загаден воздухот, особено децата и хронично болните, да се користи јавен превоз. Кога канцерогените ПМ-10 честички ќе надминат двесте микрограми на кубен метар од работа ќе се ослободат бремените, повозрасните, хронично болните лица. Ќе има и реорганизација на работното време.
„Свесни сте дека ова е проблем долги години наназад, но решавањето сѐ уште не е започнато. Во овој момент кога директно се соочуваме со овој проблем, во функција на Министерство за здравство и Институтот за јавно здравје навистина не можеме да направиме ништо повеќе освен да излеземе со вакви мерки, совети до граѓаните итн“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Од Институтот за јавно здравје велат дека граѓаните треба да го подобрат имунитетот за да може организмот полесно да се избори со инфекциите кои се развиваат поради загадениот воздух.
„Ефектите се врз здравјето, најпрво се врз респираторниот систем, важно е заштита на респираторниот сиситем, асматичарите од било која возраст треба да бидат под опсервација и се под опсервација, зачестените асматични напади во овие услови и избегнувањето на масовни собири во услови на аерозагадување каде што концентрациите се високи и во надворешен и во внатрешен простор“, вели д-р Драган Ѓоргиев, Институт за јавно здравје.
Околу 50 илјади хронично болни ќе добијат маски за заштита од загадениот воздух, наскоро ќе почне набавката.
Скопје, Тетово и Битола се меѓу десетте најзагадени градови во Европа- покажуваат последните податоци на Светската здравствена организација.
Андријана Атанасовска
