Свет

Ципрас во Москва на средба со Путин

07.12.2018 14:50

Грчкиот премиер Ципрас во Москва на средба со државниот врв на Русија. Обид за подобрување на односите меѓу двете земји кои беа нарушени по протерувањето дипломати поради договорот со Македонија...

Ципрас со посетата во Москва има цел да ги подобри билатералните и економските односи со Русија. На средбите со премиерот Медведев и со претседателот Путин, тој изјави дека Грција е столб на стабилноста и на безбедноста на Балканот, и оти во таа насока е потпишан Преспанскиот договор за надминување на долгогодишниот спор.

„Поминаа три години од мојата последна посета. Оттогаш се случија многу промени. Грција најде начин да се стабилизира, но сѐ уште притискаат меѓународните случувања. Во секој случај, традиционално добрите односи меѓу нашите држави продолжуваат и ни даваат можности да постигнеме стабилност и мир во регионот и во светот“, изјави Ципрас.

„Драг премиере и колеги, одушевени сме да ве видиме во Москва. Имаме работи за дискусија за ситуацијата во регионот и за меѓународни прашања“, рече рускиот претседател Путин.

Ципрас побарал рускиот гасовод „Турски тек“ да минува низ Грција, а гасот би се транспортирал кон други земји- членки на ЕУ. Тие разговарале и за Кипар, Украина и санкциите кон Русија.

Ирина Гелевска