Јавни дискусии за нацрт-амандманите во Штип и Тетово
Во Штип и Тетово денеска се одржуваат последните две од вкупно петте јавни дебати што ги организира Владата за четирите нацрт-амандмани на Уставот...

Премиерот Зоран Заев денеска во Штип, во спомен собата „Киро Глигоров“ ќе учествува на четвртата јавна дискусија за нацрт амандманите за измени на Уставот на Република Македонија.
Освен Заев, говорници кои ќе дадат експертски осврт ќе бидат судијката Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов, додека дискусијата ќе ја отвори и води градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски.
Истовремено во Тетово, во амфитеатарот „Арбен Џафери“ на Универзитетот на Југоисточна Европа, вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи ќе учествуваат на петтата јавна дискусија за нацрт- амандманите за измени на Уставот на Република Македонија.
На оваа дебата ќе говорат и универзитетските професори Беса Арифи и Блерим Река, додека дискусијата ќе ја отвори и води ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети.
На трите одржани јсвни дебати во Скопје беа изнесени експертски предлози за подобрување на нацрт-амандманите, како и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот на државата.
Премиерот Зоран Заев и владините претставници на дебатите ги презентираа нацрт – амандманите и укажаа на потребата за донесување на уставните измени во контекст на влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, на инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози.
Заев постети дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и посочи на одлуката уставните измени да стапат во сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО што треба да се случи во ист ден или заедно паралелно.
