Експерти: Со Преспанскиот договор се зголемува довербата меѓу Македонија и Грција
Со Преспанскиот договор се зголемува довербата меѓу Македонија и Грција, велат тамошните експерти. Прогнозираат дека ќе биде ратификуван во парламентот во Атина...

По потпишувањето на Преспанскиот договор се зголемува довербата меѓу двете земји, оценуваат грчки експерти. Од невладината „Елијамеп“ прогнозираат дека документот ќе биде ратификуван и во Парламентот во Атина.
„Нема да има големо мнозинство „за“ договорот. Ако Преспанскиот договор е ратификуван, ќе биде со маргинално мнозинство со плус еден или двајца пратеници. Потоа, предизвикот власта и опозицијата да ѝ објаснат на грчката јавност, зошто договорот мораше да биде постигнат и зошто е важно Грција да има добри односи со соседната земја, особено за градењето на доверба“, изјави д-р Јанис Армаколас- шеф на истражувачка програма за Југоисточна Европа.
Две третини од грчките граѓани се против Преспанскиот договор оти атмосферата во земјата е наелектризирана пред изворите за европските институции, објаснуваат тамошните аналитичари, но тие сепак, сметаат дека по ратификацијата на договорот ќе се промени оваа слика.
„Многу соработуваме на меѓународно и европско ниво, и на Западниот Балкан, но не многу на билатерално ниво бидејќи спорот за името го одложи тоа. По Преспанскиот договор ќе имаме уште поблиска соработка. Во НАТО ќе имаме подиректна соработка на билатерално ниво“, вели Панајот Паскалидис- истражувач за Југоисточна Европа.
Македонија и Грција како две соседни држави мора да соработуваат во сите области, оценуваат аналитичарите. Очекуваат по членството на нашата држава во НАТО, да се зголеми соработката на полето на безбедноста.
Македонија и Грција соработуваа за време на мигрантската криза, а односите меѓу двете страни се интензивираа по потпишувањето на преспанскиот договор, покажуваат истражувањата на невладините организации од двете земји.
Ирина Гелевска
