Тереза Меј денеска на средба со Ангела Меркел
Средба Тереза Меј - Ангела Меркел. Во фокус договорот за британското напуштање на Унијата. Истовремено, Доналд Туск за в четврток најави состанок на земјите- членки на ЕУ.

Британската премиерка Тереза меј на средба со германската канцеларка Меркел и другите европски лидери за Брегзитот. Таа се мобилизираше по приговорите од британски пратеници за постигнатиот договор за излез на Обединетото Кралство од Унијата. Откако го одложи гласањето во Парламентот, Меј бара гаранции од европските партнери за да ги смири страстите во Лондон, особено поврзани со границата со Северна Ирска. На прашањето дали премиерката ќе успее да го спаси својот договорот, поранешниот секретар за Брегзит, Доминик Рааб рече дека се уште има шанси за успешен процес.
„Мора да бидеме поцврсти со Брисел“, рече Рааб.
„Премиерката ја има мојата целосна поддршка, како и од Кабинетот да се обиде да го подобри договорот за повлекување за да може потоа да помине во Парламентот. Важно е да им се обезбеди на луѓето она што го побарале. Имаме еден договор, ставен е на маса, навистина се надевам дека ќе помине во Парламентот“, вели Амбер Рад, државен секретар за труд и пензиски систем.
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер повтори дека постигнатиот договор е најдобриот можен договор. Ја затвори вратата за евентуални нови преговори меѓу Лондон и Брисел.
„Тоа е единствениот можен договор. Апсолутно нема простор за повторни преговори. Сите треба да знаат дека договорот за повлекување нема повторно да се отвори“, рече Јункер.
Опозицискиот лидер Џереми Корбин истакна дека не е праведно Владата еднострано да ја повлекува програмата, а Парламентот да нема можност да ја изрази својата волја.
Во меѓувреме, ирскиот премиер Лео Варадкар соопшти дека со претседателот на Европскиот совет Туск се согласиле дека треба да се интензивираат подготовките и за Брегзит без договор.
Туск соопшти дека в четврток ќе свика состанок на сите земји- членки на ЕУ, со исклучок на Велика Британија, на кој ќе се разговара за преговорите со Лондон за напуштање на ЕУ.
Откако премиерката Тереза Меј го одложи гласањето за договорот за Брегзит, британската фунта забележа пад на вредноста.
Марина Ристова
