Вработените во Клиничкиот центар протестираа за поскапувањето на месечниот паркинг билет
Вработените во Клиничкиот центар протестираа за поскапувањето на месечниот паркинг билет од 300 на 800 денари. Велат, оваа одлука ќе влијае на нивниот буџет. Градоначалникот Шилегов со став дека се изедначува цената во другите институции, вработените имаат добиено билети, но паркингот во Клинички има лимитиран капацитет.

Вработените во Клиничкиот центар за време на паузата излегоа на протест. Револтирани се од одлуката на Советот на Град Скопје за поскапување на месечниот паркинг билет на 800 денари. Велат, ова влијае на нивниот буџет, најпогодени се вработените кои ја покриваат ноќната смена, па по 24- часовното дежурство, наместо со автомобил ќе треба да се вратат дома со автобус.
„350 денари кои досега ги плаќавме мирно и фино сега сакаме и тие да не ги плаќаме од причини што сме навредени, омаловажени и од причините што за хаосот во клинички сме посочени директно. Нашите пациенти кога доаѓаат на клиника се прилично нервозни бидејќи по час до час ипол бараат паркинг и некому таа нервоза мора да ја изразат“, изјави Јулија Јовановска, медицинска сестра.
„Паркингот на Клинички центар е сопственост на Македонија, а не на Градски паркинг Скопје. Очекуваме одлуката да се повлече. И барањето е паркингот да ни се врати во сопственост и владение на нас вработените во Клинички центар, односно на работодавачите на Јавните здравствени установи во склопот на Клиничкиот центар“, изјави Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар.
Вработените во комплексот клиники велат дека нема да отстапат од нивните барања и оти ќе продолжат да протестираат се додека не се повлече одлуката.
„Со ова зголемување кое го предвиделе од Советот на Град Скопје, мислиме дека повторно нема да има инвестиции, ќе се сведе на истата работа односно да се полни буџетот на Град Скопје кој не кореспондира со потребите на вработените на Клинички центар и на самите пациенти“, вели Ивица Апостолов, медицински техничар.
Градоначалникот вели дека со ова се изедначува цената на паркингот што се плаќа во другите институции. Според Град Скопје, на вработените им се издадени месечни карти по повластени цени, и тоа многу повеќе од капацитетот на паркингот. Оттаму велат – одлуката нема да се повлече.
„Ставот е тој. Вчера Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката и таа одлука е важечка“, изјави Ваљон Салију, портпарол на Град Скопје.
„Зошто вработените во било која друга институција вклучително и Град Скопје да плаќаат по 800 или 1000 денари, а вработените на Клинички центар 300, по што се тие поразлични од другите. Или ајде тогаш да направиме за сите да е 300 денари паркинг, ама немој после да викате дека е загаден воздухот и дека било хаос во паркирањето“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Здравствените работници велат дека со зголемувањето на цената за паркинг нема да се реши сообраќајниот хаос во клиничкиот комплес.
Вработените во Клиничкиот центар предупредуваат, доколку не се повлече одлуката како нареден чекор ќе преземат блокирање на наплатните места за користење на паркиралиштето.
Андријана Атанасовска
