Комеморација

Колегите се простија од тивката дама на македонското актерство, Љупка Џундева

11.12.2018 15:12

За неа немаше големи и мали улоги, туку само големи и мали актери. Со овие зборови колегите се простија од големата актерка и тивката дама на актерството Љупка Џундева. Ќе остане запаметена по улогата во антологискиот филм на режисерот Османли „Долго мирно лето“...

За неа, театарот беше семејство. Тим, во кој сите до еден се во функција на целината, без хирови и надменост. Таа веруваше дека не постојат големи и мали улоги, туку само големи и мали актери. Со овие зборови, колегите актери се простија од големата актерка Џундева.

За Љупка Џундева ќе останат да сведочат многубројните ликови во филмовите, ТВ драмите, сериите. Радоста од секоја нова претстава, таа не знаеше да ја скрие. Умееше специфично и на свој начин да биде добронамерна и кон лошата претстава, рече Снежана Конеска- Руси.

Театарската актерска легенда, тивката дама на македонското актерство, Љупка Џундева, целиот работен век го помина во Македонскиот народен театар. Добитник е на повеќе награди.

Нејзината последна улога на матичната сцена беше во 2015-та година како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

Ќе остане запаметена по улогата во антологискиот македонски филм на Димитри Османли „Долго мирно лето“.

 

Александра Спировска