Од идната година, Научно- технолошки парк во кампусот на техничките факултети
На почетокот на наредната година почнува со работа Научно- технолошкиот парк. Во равојот на иновативните идеи и нивната комерцијализацијата на едно место ќе работат стартапите, науката и инвеститорите. Според надлежните, центарот ќе биде лоциран во кампусот на техничките факултети, а првичната реализација на проектот ќе стартува со два милиона евра и преку програми од Фондот за иновации...
Науката, бизнисот и инвеститорите на една локација, во Научно- технолошки парк ќе ги развиваат претприемачките идеи и ќе работат на нивна комерцијализација. Во рамките на кампусот на Техничките факултети ќе се развива проектот за поддршка на процесот на дигитализација во економијата, трансферот на технологии и акцелераторот на старт- ап компаниите. Околу два милиона евра се проектирани за приспособување на објектите и за основната лабораториска опрема. Академската јавност и стопанските комори ќе бидат носители на активностите за раст и поддршка на младите бизниси, државата нема да биде сопственик ниту ќе раководи со него- велат од Владата.
„Државата нема намера да биде сопственик ниту водач во технолошкиот парк, тоа треба да бидат универзитете, бизнисот, студентите. Сакаме да создадеме нов вид на претприемничка култура и размислување на младите и да се обидеме она што го зборуваме цело време- да ги задржиме во Македонија. Тоа ќе го направиме така што ќе се обидеме да ги поддржиме во најризичната фаза на стартување некаков вид бизнис од идеја, без притоа да треба да се задолжуваат и да размислуават за начини за напуштање на државата за да реализираат некоја идеја“, рече Дамјан Манчевски, Министер за информатичко општество и администрација.
Во Научно- технолошкиот парк ќе се спроведуваат дел од програмите на Фондот за иновации. Оттаму велат, на Универзитетите и на деловната заедница ќе им понудат партнерство да се вклучат како сопственици. Ќе се развиваат и дигитални лаборатории кои ќе работат на информатички услуги за поддршка на јавниот сектор.
Развојот на старт- ап бизнисите со децении е рак рана на економијата, идеи и иницијативни за успешни приказни има, но проблем е како да се наметне и интернационализира производот. Со физибилити студијата на Научно- технолошкиот парк се предлага и формирање на клубови за живеење- клиентите ќе работат заедно со компаниите на развој на технологии.
Сузана Фиданска- Стоевска
