Кривичен суд

Вељаноски сведочеше за 27-ми април

11.12.2018 16:10

„Ниту сум помислил, ниту сум кажал некому да ги отвори вратите“- поранешниот прв човек на законодавниот дом, Вељаноски, сведочеше за собраниските настани од 27-ми април. Негираше дека преку пораки давал наредби за случувањата...

Ниту сум помислил, ниту сум кажал на некого да ги отвори вратите од законодавниот дом. Девет и пол години бев претседател на Собранието и знам што значи оваа институција. Ова го изјави поранешниот спикер Трајко Вељаноски, кој во улога на сведок беше сослушан на рочиштето за настаните од 27-ми април.

Вељаноски негираше и дека испраќал Вибер и СМС пораки со инструкции до пратениците за што, како што рече, имало докази во Обвинителството. Вељаноски кој е сведок предложен од одбраната на Горан Ѓошевски, кој своевремено пак бил негово лично обезбедување, рече дека овој обвинет професионално работел. Подоцна, одговарајќи на прашања на судот, рече дека не бил запознаен дека човекот задолжен за неговата безбедност им го покажувал патот на демонстрантите низ собраниските ходници.

Одбраната на Ѓошевски тврди дека судечкиот судија со начинот на кој ги поставува прашањата го прекршил законот.

На судењето беше сослушан и сведокот Тони Алексовски, началник во МВР кој ги појаснуваше ингеренциите на златната, сребрената и бронзената команда.  

 

Анита Димитријевска