Терористички напад во Стразбур

Продолжува драмата, напаѓачот опколен

12.12.2018 09:56

Терористички напад во Франција. Најмалку четири жртви и десетина повредени во пукотница на божиќен пазар во Стразбур. Познат е идентитетот на напаѓачот. Полицијата го опколи – мотивот засега мистерија...

Француската полиција го опколи напаѓачот кој уби најмалку 4 лица, а рани 11 во центарот на Стразбур. Властите го кренаа тревогата за опасност од терористичка закана на највисоко ниво.

Напаѓачот е идентификуван како 29-годишен маж. Полицијата претходно извршила претрес во неговиот стан во рамки на истрага за грабеж изведен пред неколку месеци. Постојат сомневања дека напаѓачот е екстремист, но мотивот сѐ уште не е утврден. Министерот за внатрешни работи соопшти дека напаѓачот и бил познат на полицијата и дека имал досие. Споед информациите, тој отворил оган околку 20 часот во област каде што се одржува традиционален божиќен саем кој го посетуваат милиони туристи од целиот свет.

Полицијата го евакуираше центарот на Стразбур, а оние што биле на лице место кога се случил нападот биле засолнети во најблиските локали.

Затворен беше и Европскиот парламент, а на персоналот му било наредено да остане внатре. Членовите на парламентот одржаа минута молк за жртвите.

Сакам да ги замолам сите членови да станат и да одржиме минута молк за жртвите во терористичкиот напад. Ние сме овде, безбедни сме“, изјави Тереза Хименез-Басерил, член на ЕП од Шпанија.

Претседателот на Европскиот парламент, Тајани во знак на солидарност ја водеше пленарната седница до крајот, односно до полноќ како што било планирано. Рече дека парламентот нема да биде заплашен од криминалните и терористички напади, и дека ќе пдоролжи со работа и со силата на слободата и демократијата да му пркосат на теророт. Градоначалникот на Стразбур објави ден на жалост.

 

Марина Ристова