Дополнителни субвенции за оризопроизводителите
Оризопроизводителите кои ќе го продадат оризот почнувајќи од 1-ви октомври до 25-ти декември, ќе имаат право на дополнителна субвенција од 5 денари за килограм оризова арпа. Се очекува со 400.000 евра да бидат субвенционирани скоро 5.000 тони арпа. Земјоделците парите ќе ги добиваат од Програмата за финансиската поддршка за 2019-та година.

Оризопроизводители ќе добијат по 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрираните откупувачи. Субвенцијата се однесува за количествата кои се произведени и предадени во периодот од 1-ви октомври до 25-ти декември годинава, и тоа за производство не повеќе 5,5 тони по хектар.
Со новата мерка се очекува да бидат субвенционирани околу 5.000 тони оризова арпа, поради што се очекува поддршката за оваа мерка да изнесува 25 милиони денари или скоро 400.000 евра. Субвенциите ќе бидат исплатени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019-та година.
Остануваат и субвенцијата од 12.000 денари по хектар со користење на сертифициран семенски материјал, односно 6.000 денари со сопствено семе. За 20 отсто е зголемена и поддршката за основното растителното производство, вклучуваејќи го и оризот. За оние кои имаат површини од 5 до 50 хектари, субвенцијата сега изнесува 14.400 денари по хектар за користен сертифициран семенски материјал и 7.200 денари за користење на не сертифициран семенски материјал.
Методија Трајков
