Терористички напад во Стразбур: Уапсени пет лица, напаѓачот во бегство?
Терористички напад во Франција. Најмалку три жртви и уште десетина повредени во пукотница на божиќен пазар во Стразбур. Познат е идентитетот на напаѓачот кој е во бегство. Инцидентот доаѓа во време кога француските безбедносни сили се ангажирани околу антивладните протести на „Жолтите елеци“...

Француската полиција во потера по мажот кој уби тројца, а рани 13 лица на божиќниот базар во Стразбур. Уапсила пет лица, додека пак напаѓачот е сѐ уште на слобода. Постојат сомнежи дека тој би можел да избега во соседна Германија. Осуммина од повредените се во тешка состојба.
Властите ја кренаа тревогата за опасност од терористичка закана на највисоко ниво. 350 полицајци и два хеликоптера се вклучени во потерата по осомничениот, а нападот се третира како терористички чин.
Напаѓачот е идентификуван како 29-годишен маж, по име Шериф Чекат, најверојатно државјанин на Мароко. Полицијата претходно извршила претрес во неговиот стан во рамки на истрага за грабеж изведен пред неколку месеци.
Според информациите, напаѓачот е екстремист, која два пати до сега го кршел законот. Чекат отворил оган околку 20 часот во област каде што се одржува традиционален божиќен саем кој го посетуваат милиони туристи од целиот свет.
Затворен беше и Европскиот парламент, а на персоналот му било наредено да остане внатре. Членовите на парламентот одржаа минута молк за жртвите.
„Сакам да ги замолам сите членови да станат и да одржиме минута молк за жртвите во терористичкиот напад. Ние сме овде, безбедни сме“, рече Тереза Хименез- Басерил, член на ЕП од Шпанија.
Претседателот на Европскиот парламент, Тајани во знак на солидарност ја водеше пленарната седница до крајот, односно до полноќ како што било планирано.
„Вчера криминалец уби тројца европски државјани, а рани 12-мина во центарот на Стразбур. Тоа е град кој е симбол на мирот на границата меѓу Франција и Германија. Ова е напад врз мирот, демократијата и нашиот начин на живот. Мора да реагираме токму спротивно на тоа. Не смееме да си ги промениме навиките“, изјави Антонио Тајани, претседател на ЕП.
Тајани рече дека парламентот нема да биде заплашен од криминалните и терористички напади, и дека ќе продолжи со работа и со силата на слободата и демократијата да му пркосат на теророт.
Градоначалникот на Стразбур објави ден на жалост.
Марина Ристова
