Терористички напад

Француската полиција трага по напаѓачот од Стразбур

12.12.2018 15:06

Најмалку три жртви и уште десетина повредени во пукотница на божиќен пазар во Стразбур. Познат е идентитетот на напаѓачот кој е во бегство. Инцидентот доаѓа во време кога француските безбедносни сили се ангажирани околу антивладните протести на „Жолтите елеци“...

Француската полиција во потера по мажот кој уби тројца, а рани 13 лица на Божикниот базар во Стразбур уапсила пет лица, додека пак напаѓачот е сѐ уште на слобода. Постојат сомнежи дека тој би можел да избега во соседна Германија. Осуммина од повредените се во тешка состојба.

Властите ја кренаа тревогата за опасност од терористичка закана на највисоко ниво. 350 полицајци и два хеликоптера се вклучени во потерата по осомничениот, а нападот се третира како терористички чин.

Напаѓачот е идентификуван како 29-годишен маж, по име Шериф Чекат, најверојатно државјанин на Мароко. Полицијата претходно извршила претрес во неговиот стан во рамки на истрага за грабеж изведен пред неколку месеци. Според информациите напаѓачот е екстремист, која два пати до сега го кршел законот. Чекат отворил оган околку 20 часот во област каде што се одржува традиционален Божикен саем кој го посетуваат милиони туристи од целиот свет.

Затворен беше и Европскиот парламент, а на персоналот му било наредено да остане внатре. Членовите на парламентот одржаа минута молк за жртвите.

Претседателот на Европскиот парламент Тајани во знак на солидарност ја водеше пленарната седница до крајот, односно до полноќ како што било планирано.

Вчера криминалец уби тројца европски државјани, а рани 12-мина во центарот на Стразбур. Тоа е град кој е симбол на мирот на границата меѓу Франција и Германија. Ова е напад врз мирот, демократијата и нашиот начин на живот. Мора да реагираме токму спротивно на тоа. Не смееме да си ги промениме навиките“, изјави Тајани.

Тајани рече дека Парламентот нема да биде заплашен од криминалните и терористички напади, и дека ќе продолжи со работа и со силата на слободата и демократијата да му пркосат на теророт.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд рече дека Европа треба да покаже решителност во борбата против тероризмот бидејќи во секој момент можат да се случат нови напади. Ги поддржа француските власти во напорите за заштита на граѓаните и туристите, кои пристигнуваат во Франција. Градоначалникот на Стразбур објави ден на жалост.

 

Марина Ристова