Економија

Странските инвеститори бараат политичка стабилност и забрзување на реформите

12.12.2018 16:19

„2019-та ќе биде година на економијата“, најавува Владата. Бизнисмените очекуваат да се подобри соработката. Во Белата книга на Советот на странски инвеститори ставени препораки за подобрување на деловниот амбиент и на регулативата. Побарано политичка стабилност и забрзување на реформите...

Советот на странски инвеститори ја објави Белата книга. Во неа, меѓу другото, се дадени и нивните препораки за подобрување на економскиот амбиент и на регулативата што ќе овозможи нови инвестиции и вработувања.

Според Советот, во кој членуваат 130 компании од 20 земји, предуслови за поголем економски раст се политичка стабилност, ефикасна администрација, предвидливи услови за работење, намалување на сивата економија.

„Без никакаво одложување треба да се носат некои одлуки, некои од нив и тешки, кои што ќе ја поттикнат економијата и како резултат ќе доведат до зголемување на вработеноста и на продуктивноста“, изјави Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.

Стопанската комора ја пофали Владата за добрата комуникација со бизнис- заедницата, иако досегашното искуство вели дека бавно се реализираат барањата на коморите.

„Нашите искуства се дека за едно такво барање да се имплементира и да ја здогледа светлината на денот биле потребни околу 3 години. Би сакале во наредниот период да видиме забрзување на тој процес. Говорам за стратегиските работи не за дневните економски барања што ги имаме меѓу себе“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Премиерот Заев најави дека 2019- та ќе биде година на економијата, додека во оваа доминирала политиката. Вети политичка стабилност, предвидлив економски амбиент, борба против сивата економија и корупцијата, но и реформи пред сѐ во образованието. Странските инвеститори сигнализираат дека пазарот на труд не го нуди потребниот кадар за вработување.

„Знаете дека во третиот квартал исто така имаме пораст на извозот за 16,4% индустриското производство расте со 5,2% а финалната потрошувачка за 5% што е резултат на севкупниот раст на платите во државата. Сите овие параметри се одличен индикатор дека сме на добар пат, иако има многу што да работиме“, рече премиерот Зоран Заев.

Заев најави дека домашните компании треба далеку подобро да соработуваат со странските инвеститори, кои се отворени и велат дека предност ќе има оној што ќе понуди поквалитетен производ, пократок рок на испорака и прифатлива цена. Влезот во НАТО и напредокот во евроинтеграциите бизнисот треба да го искористи, вели Заев, додека странските инвеститори предупредуваат да не ни се повтори бугарското искуство, кога за кратко време нејзиниот ИТ сектор се пресели во Лондон и во Франкфурт.

 

Свето Николовски