Продолжува судењето за собраниските настани од 27-ми април

13.12.2018 10:54

За случувањата во Собранието на 27-ми април 2017-та година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Судењето за настаните од 27-ми април минатата година во Собранието продолжува денеска со сослушување на пет сведоци, предложени од одбраната на обвинетиот Богдан Илиевски- Бетмен.

Според најавите од претседателката на Судечкиот совет, Добрила Кацарска, се очекува денеска да заврши сослушувањето на сведоците, утре обвинителството да приложи дополнителни докази, а од следната недела обвинетите и нивните бранители да почнат со изнесување на завршните зборови.

За случувањата во Собранието на 27-ми април 2017-та година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.