Анкара

Повеќе загинати во железничка несреќа во Турција

13.12.2018 13:19

Два вагона излетале од шините. Меѓу жртвите се и тројцата машиновозачи. Несреќата се случила непосредно откако возот ја напуштил станицата во Анкара. Турскиот министер за транспорт, Џахит Турхан изјави дека се хоспитализирани или им се укажува лекарска помош на 47 луѓе.

Најмалку девет лица загинаа, над 40 се повредени кога брз воз, што сообраќал од Анкара кон Коња удрил во локомотива за контрола на пругата. Два вагона излетале од шините. Меѓу жртвите се и тројцата машиновозачи. Несреќата се случила непосредно откако возот ја напуштил станицата во Анкара. Турскиот министер за транспорт, Џахит Турхан изјави дека се хоспитализирани или им се укажува лекарска помош на 47 луѓе.

„Несреќата се случила во 6 часот и 30 минути и била предизвикана од големата брзина на возот кој удрил во локомотивата која врши проверки на шините“, изјави Васип Сахин, градоначалник на Анкара.

Сахин наведе дека се спроведува техничка истрага за да се утврдат причините за несреќата. Според министерството за транспорт и инфраструктура, локомотивата која била во надзор на пругата, не требало да се наоѓа таму во моментот на несреќата. На снимките од местото на инцидентот се прикажани припадници на итните служби како се обидуваат да им помогнат на луѓето заробени под извиткани метални делови.

Обвинителство во Анкара отвори истрага за случајот. Во изминатите месеци во Турција се случија неколку тешки железнички несреќи. Во јули 10 лица загинаа, а повеќе од 70 беа повредени кога патнички воз излета од шините на северозападот на земјата, откако изобилни врнежи од дожд предизвикаа уривање на дел од шините.

Марина Ристова