Усвоен финалниот текст на четирите амандмани
Владиниот портпарол Бошњаковски информира дека Владата ги усвои и до Собранието ги испрати финалните текстови на четирите предлог амандмани на Уставот на Република Македонија. Промени има во два амандмана, а како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на Амандманот 36.

Владата го усвои финалниот текст на четирите уставни амандмани и ги испрати во Собранието. По петте јавни расправи и дебатата во Парламентот, Владата реши да ги измени текстовите на амандманите за преамбулата и за дијаспората.
Бошњаковски вели дека Владата е целосно посветена на имплементацијата на Преспанскиот договор и истиот став го добила и од Атина.
„Самите јавно кажаа дека постои мнозинство во нивниот Парламент да се ратификува договорот“- изјави портпаролот Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека ФИРОМ мора да ги почитува духот и словото на Договорот од Преспа, и реагираше дека во јавната дебата што се водела во земјава не треба да се бара сензационализам.
В понеделник, амандманите се на седница на Комисијата за уставни прашања. Со ова почнува третата финална фаза од уставните измени кои се очекува да финишираат кон средината на јануари.
Викторија Милевска
