Синдикатот на Клинички бара повисоки плати
Вработените во Клиничкиот центар ја блокираа наплатната рампа. Синдикатот од пациентите побара разбирање, а од надлежните повлекување на одлуката за поскапувањето на паркингот. Незадоволство и околу зголемувањето на платите, кое за лекарите изнесува 10 проценти, а за другите медицински лица 5 насто. Остварена средба со министерот Филипче...

Здравствените работници и по средбата со ресорниот министер продолжуваат со протести. Очекуваат решение во однос на зголемената цена на месечниот билет за паркинг. Но, нивните барања се проширија. Сакаат покачување на платите без поделба на коефициентите по профили. Очекуваат средба со премиерот Зоран Заев за да се најде решение за двете страни.
„Средствата што министерот ги кажува не се во согласност со нашите барања. Вети дека ќе договори средба со премиерот. Го кажа она што и претходно го кажуваше дека тоа максимумот од тоа што тие можат да го понудат што се однесува до покачувањето на процентот на платите за 2019 година. Како што претходно имавме некој начелен договор кој еве со овие настани се промени револтот кај вработените стана поголем и знаете како е веќе се дефинираат други барања“, изјави д-р Горан Беговиќ – претседател на Синдикатот на Клинички центар.
Министерот Филипче вели дека за 2019 достигнат е максимумот за покачување на платите. Нови корекции би можело да има во годините потоа.
„Излеговмем во пресрет и на дополнителните барања на медицинските сестри. Предвиденото зголемување за септември ние го префрливме во јануари затоа што се обезбеди и дополнителна сума на пари, но и да се разгледаат некои дополнителни барања од страна на медицинските сестри во Клиничкиот центар во однос на нивните коефициенти бидејќи навистина наследивме хаотичен систем. Има различни коефициенти, различен начин на пресметување на платите, различно признаени дипломи за високо школо на некои медицински сестри да, а на некои не“, изјави министерот Филипче.
Во однос на паркинот, Филипче вели дека се бара начин да се врати на комплексот „Мајка Тереза“ и Клиничкиот центар да управува со него. Се размислува да се изградат и две катни гаражи со кои ќе се отворат дополнителни места.
Вработените во Клинички ја блокираа наплатната рампа и најавија дека и во наредните денови времето предвидено за пауза ќе го искористат за протест, се додека нивните барања не бидат исполнети.
Андријана Атанасовска
