Западен Балкан со раст како во ЕУ за 50 години
На земјите од Балканот ќе им треба половина век за да го достигнат европскиот стандард – оценува српскиот економист, Александар Влаховиќ. Домашните бизнисмени велат – потребни се инвестиции, зголемен извоз, раст на приватната, а не на јавната потрошувачка...
Земјите од Западниот Балкан ќе го достигнат нивото на економски развој на Европската унија за половина век, прогнозира српскиот економист Александар Влаховиќ. Се зголемува јавниот долг во сите држави од регионот, а забавуваат и странските инвестиции.
„Во изминативе години, стапките на раст не надминуваат 4 проценти. Дури оваа година дојде до мало зголемување во Србија и повторно со скокот во Македонија, каде минатата година имаше нула раст. Се проценува дека растот ќе биде меѓу 2,5 и 3 проценти од БДП. Сите овие стапки се недоволни. За подобрување е потребен раст од најмалку 7,2 насто. Ако продолжи растот од 3,5 проценти, ќе бидат потребни 20 години за да се зголеми БДП“, вели Александар Влаховиќ, економски експерт од Србија, претседател на Комора на сметководители на Србија.
ЕУ сѐ уште е најголем трговски партнер на Западниот Балкан. Најмногу се извезуваат стоки, а помалку услуги.
Заеднички проблем во регионот е невработеноста кај младите, што сѐ уште е многу висока. За подобрување на економиите потребна е поголема регионална соработка, препорачуваат економистите.
Ирина Гелевска
