Брисел

Туск: Нема повеќе преговори за договорот

14.12.2018 11:10

25-ти февруари е крајниот рок што Брисел му го наложи на Лондон за заемно потпишување на член 50, заминувањето на Британија од Унијата. Нема отстапки, и по вчерашните преговори меѓу европските челници со британската премиерка Меј во Брисел. Таа се најде меѓу два огна, поради границата на Северна Ирска со Република Ирска, и враќање на конфликтот што во Белфаст беше запрен пред 20 години...

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека ЕУ стои зад усвоениот договор за излез на Велика Британија од Унијата и политичката декларација за идните односи. По обраќањето на британската премиерка Тереза Меј, Туск повтори советот не сака дополнителни преговори за веќе усвоен договор за повлекување на Велика Британија од ЕУ.

„Европскиот совет потврдува дека сака во иднина да воспостави што е можно поблиско партнерство со Обединетото Кралство. Ние сме подготвени да почнеме со подготовките веднаш по потпишување на договорот за Брегзит, за да осигураме дека преговорите за идните односи можат да почнат што е можно поскоро, по повлекувањето на Британија“, изјави Туск.

До 25-ти февруари договорот за заминување мора да се ратификува, рече Туск вчера во Брисел. Европскиот совет смета и дека гаранциите ќе биде употребени само привремено и тоа додека не биде заменета со друг договор кој ќе овозможи избегнување на т.н. тврда граница меѓу Ирска и Северна Ирска.

Претседателот на Европската комисија, Жан- Клод Јункер потенцира, Комисијата ќе ги забрза подготовките во случај Велика Британија да ја напушти Унијата без договор.

„Нашите британски пријатели треба да кажат што сакаат наместо да ни кажуваат нам што сакаме“, изјави Јункер.

Според Јункер британската премиерка има проблем да го убеди Вестминстер за одобрување на Договорот и затоа побарала дополнителни гаранции.

Британската влада го одреди 21-ви јануари како последен рок за гласање на Брегзит во парламентот во Лондон.

 

Марина Ристова