Здравство

Заврши протестот на Клинички, синдикалците ќе преговараат со премиерот Заев

14.12.2018 12:43

Заврши четиридневниот протест на Клинички, синдикалците решија во догледно време да се сретнат и да преговараат со премиерот Заев. Барањата остануваат исти, во однос на линеарното зголемување на платите за сите вработени, но не сакаат да внесат расцеп меѓу вработените во оваа установа...

Четиридневниот протест на вработените во Клиничкиот центар заврши. За околу две недели, синдикатот ќе преговара со премиерот Зоран Заев за изедначување на процентот на платите за сите медицински работници. Велат, селективното зголемување доведува до раздор меѓу вработените, а тоа најмногу ќе го почувствуваат пациентите.  

„Медицинскиот тим мора добро да соработува и да нема раздор, сето тоа ќе го намали квалитетот на здравствената услуга, сето тоа ќе го почувствуваат пациентите. Ова е предупредување до власта да не го прави тоа“, изјави Стојка Наќевска, лаборант.  

„Сите ние овде сме во еден систем не може да постои поделба на вработените, јас сум за тоа дека треба да постои комплетно исто зголемување за сите вработени во Клиничкиот центар. Доколку не постојат финансии за тоа, тогаш ќе оставиме простор како мислат во Владата и во ресорното министерство да ги зголемат платите во Клиничкиот центар“, изјави Ивица Апостолов, лаборант.

Ресорниот министер Филипче веќе оствари средба со здравствените работници, но рече оти за 2019-ти година е достигнат максимумот за покачување на платите. Им закажа средба со премиерот.

„Влегуваме во преговори за платите кои се нашиот најбитен дел од барањата. Незадоволството на вработените на Клиничкиот центар е поради тоа, што тие коефициенти, проценти на покачување за 2019-ти година не се соодветно и еднакво распоредени“, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на синдикатот на Клинички центар.

Најавеното зголемување на цената од 500 денари за месечен паркинг билет за вработените  ги поттикна здравствените работници на протест. Градските власти и ресорот бараат начин паркингот да се врати на комплексот „Мајка тереза“ и Клиничкиот центар да управува со него.

 

Андријана Атанасовска