Интервју за „Ле Монд“

Димитров: Ќе покажеме дека се можни чуда

14.12.2018 13:17

Тешко е добивањето мнозинство во политиката, но време е на Балканот да покажеме дека се можни чуда. Ние сакаме да го завршиме гласањето за уставните измени во јануари, говори во интервјуто за париски „Ле Монд“, шефот на македонската дипломатија Димитров...

Ништо однапред не е добиено, смета париски „Ле Монд“, бидејќи Референдумот од 30-ти септември на кој 91 отсто од излезените гласачи одговорија со „да“ во прилог на компромисот, но поради недостиг на доволно учество на гласачите работите се усложнија, забележува весникот. Парламентарниот пат подразбира квалификувано мнозинство од две третини, што не е достапно за актуелната централно- левичарска коалиција на власт, додека десничарската националистичка опозиција е „разбеснета“.

Никола Димитров, македонскиот министер за надворешни работи кој беше на поминување во Париз, за „Ле Монд“ ги објаснува клучните влогови за стабилноста на Балканот.

Во однос на ратификацијата на договорот, Димитов оценува:

„Добивањето на квалификувано мнозинство е секогаш тешко во политиката, но предизвикот овој пат е од толку голема важност што ќе покажеме дека на Балканот се можни чуда. Ни недостигаат само десет гласови. Ние сакаме да го финализираме гласањето во јануари. Опозицијата од грчката националистичка десница на овој компромис е исто така силна како онаа на македонската националистичка десница.“

Околу неподготвеноста на многу европски метрополи, вклучувајќи го и Париз, за проширување на ЕУ кон Балканот дали да доведе до разочарување кај Македонците, шефот на македонската дипломатија одговара:

„Според анкетите за јавното мислење, 86 отсто од Македонците се за пристапување во Европската Унија. Балканот е како остров опкружен со земји- членки. Нема да има стабилност во Југоисточна Европа ако балканските земји на крајот не пристапат во Унијата.

„Ле Монд“, се интересира и за стабилизацијата на Балканот, односно и за договорот за признавање помеѓу Србија и Косово, кој може да се постигне и преку територијални размени.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ