Медиуми

„Медиатека“ в сабота премиерно на МТВ

14.12.2018 13:22

Да се препознаат лажните вести, да се внимава додека сте на социјалните мрежи, најмногу информации за најмладите. Од сабота почнува „Медиатека“ на МТВ, серијал за новата технолошка петта постиндустриска револуција...

Емисија која ќе ги образува младите како да пливаат во виртуелниот свет и морето од информации. „Медиатека“ треба да ги научи најмладите да ги препознаваат лажните вести, внимателно да „сурфаат“ на социјалните мрежи и да ги користат интернет-алатките, а дигиталната технологија да биде во нивна полза.

Добредојде на најмладите во МТВ им посака директорот Марјан Цветковски. Во разговор со нив им порача да бидат внимателни во користењето на интернетот и повеќе да учат за да ја препознаат лажната информација.

Проектот за медиумска писменост на МТВ е во соработка со Европската унија и Македонскиот институт за медиуми. Зборувајќи пред младите, амбасадорот Жбогар го пренесе своето искуство од користењето на модерната технологија. Раскажа дека тој е пораснат во време кога немало паметни телефони и нови технологии, за разлика од денеска кога младите не можат да поминат ни минута без нивните смартфони, апликации, таблети, лаптопи.

„Медиатека“ на МТВ има цел во неколку епизоди да ги едуцира младите за медиумите, новите тенологии, информациската револуција.

Првото издание е в сабота, во 13:20 часот.

 

Викторија Милевска