Транспорт

Европски пари за втората фаза од пругата кон Бугарија

14.12.2018 16:15

Потпишан договор за грант од од 68,6 милиони евра од ЕУ, доделен преку инвестициската програма на Западен Балкан. До 2025-та пругата до Бугарија ќе биде изградена, две години подоцна ќе заврши целосното поврзување, тврдат од ресорот...

Македонија преку Европската банка за обнова и развој доби грант од ЕУ од 68,6 милиони евра наменет за втората фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, која е дел од Коридорот 8. Министерот Сугарески најави дека во почетокот на 2019-та ќе биде избран изведувач кој би требало за четири години, до 2023-та да ја изгради делницата.

„Ова се неповратни средства, станува збор навистина за висок износ, ако се земе предвид дека сите земји од Западниот Балкан конкурираат за годишно 100 до 150 милиони евра“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

„Овие средства беа алоцирани во Трст. Во што е разликата? Во Трст овој износ беше одобрен за можна употреба за оваа железничка делница, ги ставивме парите на чекање. Со овој потпис денеска парите се ваши, во вашите раце, во тоа е разликата“, рече Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Првата фаза од пругата доцни околу четири години. Министерот Сугарески очекува оваа делница да биде завршена кон средината на 2020-та, односно изведувачот ќе има 18 месеци за нејзино завршување. Ва втората делница се обезбедени 147 милиони евра, а најтешка според Сугарески, е третата од Крива Паланка до Деве Баир, поради специфичната конфигурација.

„За третата фаза имаме обезбедено 60 милиони евра средства од ЕУ. Таа ќе биде поскапа траса поради конфигурацијата на земјиштето, над 350 милиони евра. Очекуваме комплетно да биде завршена во 2025-та година“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тоа е според Договорот со Република Бугарија, вели Сугарески. Источниот сосед својот дел од пругата треба да го комплетира во 2027- ма година.

 

Свето Николоски