Земјоделство

Откупот на тутун без проблеми, просечната цена 205 денари за килограм

17.12.2018 10:46

Деветте компании кои склучија договори со тутунарите го почнаа откупот во законскиот рок од 15-ти декември. Досега се откупени 7.000 тони со просечна цена од 205 денари за килограм или за скоро 12 денари помалку од минатогодишната. Експертите велат дека поквалитетниот тутун традиционално се предава подоцна...

Деветте монополи го почнаа откупот во законскиот рок. Досега се откупени скоро 7.000 тони тутун со просечна цена од 205 денари за килограм, а се исплатени 77 проценти од преземениот род.

Тутунските здруженија сметаат дека временските прилики одговараат за подготовката за откупот. Велат, дека за исплата на субвенциите за третата, односно четвртата класа добиле уверување од Министерството за земјоделство, и дека сите класи тутун ќе се исплаќаат и тоа, по 80 за прва, 70 за втора и 60 денари за третата и четвртата класа.

Според тутунските експерти, годинашнава реколта е помала, и се очекуваат околу 22.000 тони тутун, со понизок квалитет, а откупувачите во земјава пријавиле побарувања од 28.000 тони тутун.

Потфрлување кај квалитетот има особено во првата и втората берба во сушењето поради врнежите и влажноста, па се очекува и цената да биде нешто пониска од ланската просечна од 217 денари за килограм.

 

Методија Трајков