Собрание на РМ

Утре ќе започне дебатата за уставните амандмани

17.12.2018 10:31

Наместо денеска, седницата на Уставната комисија за последната фаза на уставните измени, презакажана за утре...

Наместо денеска, седницата на уставната комисија за последната фаза на уставните измени, презакажана за утре. Комисијата, како и собраниската седница, со други точки на дневен ред, што беа закажани за денеска, се одложени за утре поради тоа што голем дел од пратениците ќе бидат отсутни заради комеморативната седница и погребот на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, кој ненадејно почина на 48-годишна возраст во саботата.

Ова е трета и последна фаза од постапката за промена на Уставот, согласно Договорот од Преспа. Уставната комисија треба да ги разгледува четирите нацрт-амандмани, и Извештајот на Владата од јавната дискусија за нацрт-амандманите, а потоа како втора точка е ставен Предлог- уставен закон за спроведување на амандманите на Уставот на Република Македонија.

Четирите амандмани од 33-от до 36-от опфаќаат промена на името на земјата во Република Северна Македонија, промена на преамбулата со вклучување на правните одлуки на АСНОМ и Охридскиот договор, гарантирање на суверенитетот на соседните држави и наместо малцинство во соседството, да се употребува терминот дијаспора.