Сообраќајна несреќа

Уапсен возачот на автобусот кој вчера се преврте во близина на Лесковац

17.12.2018 12:55

Возачот на автобусот кој вчера се преврте во близина на Лесковац е во притвор, јавува дописникот на Македонската телевизија од Србија, Оливер Бранковиќ. Од шестемина тешко повредени, двајца се во критична состојба. Сѐ уште непотврдена информација, според изјавите на повредените, возачот заспал на лизгавиот коловоз...

Шестмина сериозно повредени лица по вчерашната трагична сообраќајна несреќа кај Лесковац се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, а осум полесно повредени се на лекување во болницата во Лесковац.

Доцна синоќа министерот за здравство Венко Филипче со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ги посетија повредените патници во болниците во Лесковац и во Ниш.

Како што на лице место се увери и екипата на МТВ, кај двајца пациенти со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб, здравствената состојба се следи и можни се нови хируршки интервенции. Сите останати се во стабилна состојба и потребно е повеќе дневно следење на состојбата, по што со помош на македонските здравствени служби, сите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.

Останатите дванаестемина лесно повредени патници и двете деца кои беа сместени во хотелот Апостоловиќ во Лесковац, синоќа организирано беа префлени во Македонија.

Во Србија сѐ уште се води истрага за сообраќајната несреќа кај Лесковац, во која беа повредени 32 лица, а загинаа тројца, 68- годишна жена од Кочани со иницијали К.К, 68- годишен маж од крушевското село Бучин, со иницијали В.Ш., а третата жртва сѐ уште не е идентификувана.

Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот Еуро Бус од струко Велешта, беа претежно наши печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.

Возачот на автобусот, кој во Србија го нарекоа „автобус на смртта“ се наоѓа во притвор.

Според сведоштвото на преживеаните до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 километри на час и можноста возачот да има заспиено.

Автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се има превртено повеќе пати. Благодарејќи на навремената интервенција од само половина час од несреќата на осум итни медицински возила од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои под автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да се дојде до поголема трагедија.

Голема и несебична помош беше дадена и од градоначалниците на Лесковац и Ниш, како и од медицинските установи од овие градови во спасување и згрижувањето на повредените.

Оливер Бранковиќ, дописник од Србија за МРТ