Комеморативна седница во Охрид по повод смртта на градоначалникот Јован Стојаноски

17.12.2018 13:51

Денеска на градските гробишта во Охрид беа погребани посмртните останки на градоначикот Јован Стојаноски. На погребот покрај членови на семејството присуствуваа голем број граѓани, како и претставници на државниот врв, политичките партии, делегации на општини од земјата и од збратимените градови од регионот...

Во Охрид денеска е ден на жалост. Градот достоинствено се прости од градоначалникот Јован Стојаноски, кој почина на 15-ти декември. На комеморативната седница што се одржа по тој повод, на која присуствуваа членови на семејството на Стојаноски, министри, пратеници, градоначалници, советници и граѓани,  говорејќи за ненадејната смрт на првиот човек на Охрид, премиерот Зоран Заев рече дека тоа е голема загуба за академската заедница, за државата, општината и партијата СДСМ, бидеќи тој низ годините наназад дал огромен придонес со своето посветено работење.

„Остави траги и предизвикуваше почит која секогаш ќе се  памети. Јован беше колега, пријател и голем професионалец. Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска културна и туристичка претстолнина“, рече премиерот Зоран Заев.

Во името на Собранието на Република Македонија и Советот на општина Охрид од Стојаноски се простија Томислав Тунтев и Живка Ангелоска.

„Ми рече ајде да гоменуваме светот, ајде реков да го менуваме, како, тешко е. Рече- најпрво ние ќе се смениме самите, па ќе ги смениме тие околу нас, па ќе го смениме Охрид и Македонија и ќе го смениме светот“, изјави пратеникот Тунтев.

„Советот и локалната самоуправа изгубија лидер, колега, го изгубија својот едноставен и голем Јован“, додаде Живка Ангелоска, Претседател на Совет на општина Охрид.

Комеморативна седница се одржа и на Факултетот за туризам и угостителство каде што покрај колегите од својот професор емотивно се збогуваа и студентите. За нив, како што беше речено, тој бил пример за тоа како треба да се борат за вистината, да бидат искрени и достоинствени.

Сашо Нелоски