Нови правилници за здрави работни места
Над 1.350 работници умираат од загадениот воздух, покажале податоците на Светска банка. Неколку илјади работни места се губат поради лекување на астма, бронхит, кардиоваскуларни болести. Мора да се изработат нови правилници за заштита на работниците, покажале анализите за безбедноста на овој дел при работата.

На екстремно топло време или на загаден воздух, многу луѓе работат на отворено, ризикувајќи го здравјето, за да заработат некој денар. Од Центарот за еколошка демократија „Флоризон“ велат дека околу 40 проценти од работниците се изложени на неповолни климатски услови. Бараат да се изработат нови правилници, за работа на отворено да се носат соодветна облека и заштитни маски.
„Во услови на отсуство на јасно дефинирани подзаконски акти, преку кои ќе се воведат применливи стандарди, законот остава широк простор за манипулација и неисполнување на законско утврдените права на работниците. Моменталната пракса оди во прилог на последната констатација и за жал негативно влијае врз националниот буџет за здравство и резултира со перманентно губење на здрава работна сила и во голем број случаи резултира со губење на човечки животи“, изјави Кирил Ристовски, Центар за еколошка демократија „Флорозон“.
„Да се направи регистар на професионални болести затоа што според правилникот на листа за професионални болести, стојат 107 професионални болести кои се признаени во Република Македонија за да може државата да има податоци во која индустрија најмногу се јавуваат професионалните ризици со самото тоа да се носат и конкретнио мерки како да се намали“, вели Марина Пуреовска Цветковска, Центар за еколошка демократија „Флорозон“.
Од ресорното министерството додаваат, идната година ќе се унапреди законската рамка.
„Во текот на наредната година ќе започне поинтензивна активност околу унапредувањето, можностите за унапредување на законската рамка која што најверојатно ќе финишира со подготовка на нов закон и на пообемни измени“, вели Дарко Дојчиновски- Министерство за труд и социјална политика.
Невладините укажуваат дека многу професионални заболувања воопшто не се регистрирани и затоа се потребни реформи во оваа област.
Андријана Атанасовска
