Трајковски тврди дека бил во Будимпешта на специјалистички преглед
Сѐ уште се очекува комисиите да утврдат на кој начин поранешниот премиер Груевски пребегнал во Унгарија. Обвинителството спроведува истрага, нови информации се очекуваат деновиве. Како е контактирано со Груевски, односно како дошло до средба со советникот Трајковски? За ова истражуваат и во Царинската управа каде што е вработен Трајковски...

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба, Александар Трајковски тврди дека бил во Будимпешта на специјалистички преглед откако беше објавена фотографија со поранешниот премиер Никола Груевски во унгарската престолнина.
На рочиштето за предметот „Насилство во Центар“ , во кој е еден од обвинетите, рече дека имал здравствени проблеми со синусите и дишните патишта. Заминал во Будимпешта по второ мислење за неговата болест, за што обвинителката побара копија од медицинска документација.
Од Царинската управа, каде што е вработен Александар Трајковски најавија дека е поведена постапка за утвдување, дали боледувањето му е оправдано и оти ако се утврдат злоупотреби ќе бидат преземени соодветни мерки.
За тоа, како Груевски не бил спречен од ниедна држава во обидот да стигне до Будимпешта, министерката за правда Дескоска посочи дека ако немало потерница, државите немале обврска да дејствуваат.
И по еден месец, сѐ уште се чека двете формирани комисии да дадат одговор на кој начин експремерот Груевски ја напуштил земјата. Од Обвинителството по спроведена истрага, најавија дека деновиве ќе излезат со информација.
Наташа Гркова- Петрушевска
