Идентификувана третата жртва на автобуската несреќа, возачот во притвор
63- годишна кавадарчанка е третата жртва во сообраќајката кај Лесковац. Причините за несреќата сѐ уште се утврдуваат, возачот на автобусот е приведен. Најверојатно, повеќе фактори допринеле за трагедијата...

Шестмина сериозно повредени лица по вчерашната трагична сообраќајна несреќа кај Лесковац се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, а осум полесно повредени се на лекување во болницата во Лесковац.
Доцна синоќа министерот за здравство Венко Филипче со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ги посетија повредените патници во болниците во Лесковац и во Ниш.
„Засега сите се стабилни, но се сериозно повредени и потребен е период од неколку дена каде нивните витални параметри ќе се пратат“, изјави министерот Филипче.
Кај двајца пациенти со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб, здравствената состојба се следи и можни се нови хируршки интервенции. Сите останати се во стабилна состојба и потребно е повеќе дневно следење на состојбата, по што со помош на македонските здравствени служби, сите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.
Останатите дванаестемина лесно повредени патници и двете деца кои беа сместени во хотелот Апостоловиќ во Лесковац, синоќа организирано беа префлени во Македонија.
Во Србија сѐ уште се води истрага за сообраќајната несреќа кај Лесковац, во која беа повредени 32 лица, а загинаа тројца.
Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот Еуро Бус од струко Велешта, беа претежно наши печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.
„Спиевме, кога се разбудив не знаев што се случува, што се случило, се беше во крв наоколу“, сведочи еден патник.
Возачот на автобусот, кој во Србија го нарекоа „автобус на смртта“ се наоѓа во притвор.
Според сведоштвото на преживеаните до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 километри на час и можноста возачот да има заспиено.
Оливер Бранковиќ, дописник од Србија за МРТ
