Советот за безбедност на ОН ќе расправа за војската на Косово
Косово продолжува со радикални потези кои му штетат на преговарачкиот процес во Брисел, оценува официјален Белград. Назначувањето на Фатмир Лимај за шеф на преговарачите и основањето војска, се против интересите на српскиот народ, вели Вучиќ. Војската ќе ги штити сите граѓани, возвраќа Тачи во пресрет на денешната седница на Советот за безбедност во Њујорк...

Советот за безбедност на Обединетите нации на седница по одлуката на официјална Приштина за транформација на безбедносните сили во војска. Заседанието се одржува на барање на Русија и на Србија. Претседателот Александар Вучиќ вели дека неговата земја ги исполнила сите услови од Бриселскиот договор, а косовската страна ниту еден.
„Ќе имам право да го претставам она што Србија го мисли. Уште еднаш сакам да го поздравам нашиот народ на Косово и Метохија и да им кажам едно големо „благодарам“ за сета борба, да им се заблагодарам на нашите градоначалници, на сите десетмина кои му испратија јасна порака на Хашим Тачи кој е нивниот претседател и која е нивната држава и кој ја кажува вистината, а кој не. Војската на Косово е формирана против интересите на српскиот народ. Таа не може да ја загрози нашата војска, но може да го загрози опстанокот на нашиот народ. Се спротивно на она што го зборуваше Тачи“, рече Вучиќ.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи вели дека нивната војска не претставува закана и не треба никого да плаши. Според него, изгласувањето на резолуцијата за дијалогот со Србија во косовското собрание претставува чекор напред кон нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград.
„Косовската армија е незапирлив процес. Правото на косовските институции да формираат војска е историско и во согласност со волјата на народот на Косово, како и со конституционалниот и законски мандат. Косовската армија ќе доздава мир и стабилност“, нагласи Тачи.
Тачи оцени дека приштина сега треба да се насочи кон обезбедување членство на Косово во ОН. Седницата на Советот за безбедност е отворена за јавноста, а во меѓувреме, албанската дијаспората во САД најави протест пред седиштето на Обединетите нации, со барање советот да ја осуди Србија поради наводен геноцид за време на конфликтот на Косово.
Марина Ристова
