Се бараат концесионери за Охридско и за Дојранско Езеро

18.12.2018 10:27

Се бараат концесионери за Охридско и за Дојранско Езеро за наредните шест години. На јавниот повик кој ќе трае до 24-ти овој месец понуди можат да се достават и за стопанисување со повеќе реки и риболовни подрачја во земјава...

Објавен е јавен повик за доделување на концесијата за вршење стопански риболов за период од шест години за Охридско Езеро освен изворите кај Св. Наум и во каналот „Студенчишта“ и на Дојранско Езеро без делот на кој се организира рекреативен риболов.

Исто така се бара концесионер и за рекреативната зона на Акумулација Матка која ја опфаќа целата водена површина и делот на реката Треска кој се наоѓа меѓу браната Света Петка и вливот во акумулацијата како и на делови од водотекот на 4 реки, и тоа Црна река, Црн Дрим, Треска и Злетовска река.

Право на учество на Јавниот повик имаат домашни правни лица регистрирани за рибарство и странски правни лица доколку имаат регистрирано подружница во Македонија.

 Критериум според кој ќе се врши изборот на најповолна понуда е највисокиот концесиски надоместок понуден на електронската аукција. Надоместокот за концесија на рибите за рекреативен риболов изнесува најмалку 10 проценти од издадените дозволи на годишно ниво.Краен рок за поднесување на понудите е 24-ти декември 2018-та година.

 

Методија Трајков