Дополнетиот предлог- буџет за 2019-та пред пратениците
Вкупните приходи на буџетот на Република Македонија за 2019-та година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи треба да резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5 % од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.

Пратениците на 71-та Собраниска седница ќе расправаат за дополнетиот предлог- буџет на Република Македонија за 2019-та година во второ читање. Вкупните приходи на буџетот на Република Македонија за 2019-та година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи треба да резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5 % од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.
Согласно амандманите кои дојдоа од владејачкото мнозинство и од опозицијата во собраниската амандманска расправа, во предлог-буџетот за 2019 година се направени дополнувања на буџетски износи во програмите за заштита на животната средина, со фокус на мерките за почист воздух, на локалната инфраструктура и на програмите за развој на планските региони, како и на зголемување на буџетската поддршка за работата на дел од министерствата, агенциите, управите и други органи на државната управа.
На дневен ред на денешната седница се и Предлог-законот за извршување на Буџетот за 2019 година, дополнетиот предлог-закон за изменување на Законот плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија во второ читање поднесен од група пратеници, како и измените и дополнувањата на законите за банките и за Управата за јавни приходи, по скратена постапка.
Треба да бидат разгледани и измените и дополнувањата на законите за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, за студентскиот стандард, за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, за пензиското и инвалидското осигурување, за заштита на културното наследство, за заштита и благосостојба на животните, сите во прво читање.
