ООН

Вучиќ и Тачи на седница на Советот за безбедност

18.12.2018 13:21

Вучиќ и Тачи пред Советот за безбедност на ООН. Српскиот претседател стравува за иднината на Србите на Косово. Косовскиот челник вели- ситуацијата во Косово е нормална. Спротивставени гледишта на Вашингтон, Париз И Лондон со Москва и Пекинг...

Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи се соочија на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, откако Парламентот во Приштина гласаше за трансформирање на безбедносните сили во оружени сили на Косово. Потегот ги налути Србите на Косово и Белград, и предизвика загриженост кај НАТО.

„Неодамнешните случувања на Косово го продлабочија јазот во односите меѓу Белград и Приштина. Загрижени сме од ризокот од тензии во областа, особено во северно Косово“, изјави Жан Пјер Лакроа, генерален потсекретар на мировните операции во ОН.

Претставниците на САД и на Британија ја поддржаа трансформацијата, додека пак Русија оцени дека тоа е закана за мирот.

„Формирањето на косовските оружени сили претставува закана за безбедноста и мирот во регионот што може да доведе до повторување на оружен конфликт“, рече Василиј Алексеевич Небензја, постојан претставник на Русија во ОН.  

Рускиот амбасадор истакна дека КФОР врз основа на резолуцијата 1244 е должен веднаш да изврши демилитаризација и да ги распушти сите оружени сили.

Претседателот на Косово, Тачи рече дека станува збор за „природен чекор“ за да се зацврсти косовскиот статус како суверена држава.

„Ништо необично не се случи на Косово минатата недела. Ако Косово направило грешка, тоа е што непотребно сме чекале пет години да формираме војска“, нагласи Тачи.

Претседателот Вучиќ, пак, побара од Советот за безбедност да го „скроти“ Косово, додавајќи дека е загрижен и дека стравува за иднината на српскиот народ на Косово, но и за целиот регион.

„Ќе продолжиме со дијалогот веднаш штом ја повлечат неодговорната одлука за тарифите. Не сум оптимист и ви кажувам на сите дека мојата загриженост е поголема денеска отколку вчера“, рече Вучиќ.

Амбасадорот на Холандија рече дека одлуката на Косово доаѓа во чувствителен момент и оти двете страни мораат да покажат одговорност со цел да продолжи дијалогот во кој посредува ЕУ.

 

Марина Ристова