САД со силна поддршка за Преспанскиот договор и за реформите
Американскиот заменик- државен секретар, Џон Саливан во Скопје со силна поддршка за Преспанскиот договор и за спроведувањето на реформите. Вториот човек на Стејт Депарментот очекува ратификација и во Грција, за премиерот Заев тоа е наш билет за НАТО...

Силна поддршка за Преспанскиот договор и за Македонија да го добие заслуженото место во НАТО, ова е пораката од американскиот заменик- државен секретар, Џон Саливан кој допатува во Скопје. Вториот човек на Стејт Депарментот очекува Договорот да биде ратификуван и во Грција.
Стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија се покажува и преку економската соработка и заедничкото учество во мисиите на НАТО, изјави премиерот Заев. Додаде, поддршката од Вашингтон за успешно завршување на Преспанскиот договор е за остварување на нашите стратешки цели- да станеме членка на НАТО и на ЕУ.
Заменик- државниот секретар посочи дека спротивставувањето на Русија за Преспанскиот договор е обид Москва да направи сѐ што може во сопствен интерес, наспроти интересот на Македонија.
Вашингтон очекува Македонија да ги продолжи реформите во владењето на правото, судството, управувањето и капацитетите на институциите и да придонесува за регионалната стабилност и соработка.
САД и Македонија уште повеќе ќе ја зголемат соработката по членството на земјава во НАТО.
Ирина Гелевска
