Последна фаза од уставните измени
Трета и последна фаза од уставните измени. Заседава Комисијата за уставни прашања. До Собранието доставени седум амандмани на уставниот закон...

До Собранието доставени седум амандмани на Уставниот закон, со кој се гарантира спроведувањето на измените на највисокиот правен акт. Три амандмани се поднесени од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, два се од Алијансата на Албанците, по еден од БЕСА и од пратеникот на СДСМ, Мухамед Зеќири.
Во дел од поднесените амандмани се бара да се овозможи еднаквост во изразување на државјанството на сите граѓани, односно неопределување, ниту прејудицирање на етничката припадност на граѓаните.
Во образложенијата се потенцира дека треба да се постигне дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност. Со амандманите се бара и да се вметнат и постојните граници на Македонија со соседите, а независните пратеници бараат да се вметнат и гаранции со цел да се осигура позицијата на Република Македонија во спроведувањето на Преспанскиот договор и протоколот за НАТО.
Амандмани не поднесоа пратеничките групи на владејачките СДСМ и ДУИ, но и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Уставните измени според проценките ќе треба последниот филтер во Собранието да го минат најдоцна до 15-ти јануари, но за целосно изгласување потребно е да гласаат пратениците со двотретинско мнозинство.
Миле Ристески
