Пет дена за барање за амнестија, не важи за организаторите и насилниците
Со 95 гласа „за“, во Законодавниот дом експресно изгласан Законот за амнестија. Не се опфатени организаторите, оние што носеле оружје и службените лица што ги пречекориле овластувањата. Обвинетите во рок од пет дена можат да поднесат барање за амнестија...

Со 95 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, Собранието го донесе Законот за амнестија. Поддршка и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Со Законот не се опфатени организаторите, лицата што извршиле физичко насилство, што носеле оружје и службените лица кои ги пречекориле овластувањата. Сите обвинети во рок од пет дена по донесувањето на Законот, можат да поднесат барање за амнестија.
Амнестијата за случувањата во Собранието на 27-ми април 2017-та нема да ги опфати организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ, се согласија вчера членовите на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување.
По постигнувањето согласност околу законското решение, копретседавачот со Интерпартиската група Фросина Ташевска-Ременски изјави дека се движеле во рамки на тоа што не може да биде опфатено со законот за амнестија.
Предлог-законот и одредбата која ги исклучува дејствијата што не влегуваат во амнестијата, рече таа, остануваат на оценка на Јавното обвинителство и судот, бидејќи, како што потенцира, групата се водела од принципот на немешање во работата на Јавното обвинителство и на судот. Судот, рече, ќе донесе решение по претходно мислење на Јавното обвинителство кое ќе го темели врз основа на докази со кои располага.
