Хакирани преписките на европските дипломати
Најмалку три години хакери ги читаат преписките на европските дипломати. Пораките и разговорите не се класифицирани како тајни, односно доверливи, смируваат европските функционери. Во извештајот се наведува дека безбедносна фирма на „Њујорк тајмс“ му доставила над илјада дипломатски преписки откако ги открила незаконските активности...

Хакери со години успешно пристапувале до дипломатската комуникациска мрежа на Eвропската унија и пресретнале илјадници пратки – тврди „Њујорк тајмс“. Весникот наведува дека хакерите откриле податоци кои укажуваат на загриженост во Брисел поради непредвидливата администрација на американскиот претседател, Доналд Трамп, напорите за договори со Русија и со Кина, информации за ризиците од преиспитување на договорот со Иран за нуклеарната програма.
Во извештајот се наведува дека безбедносната фирма „Ареа 1“ до весникот доставила список со над 1.100 дипломатски пораки откако ги открила незаконските дејствија. Њујоршкиот весник тврди дека техниката која ја користеле хакерите одговара на онаа што со години ја употребувала кинеската војска.
Во еден од документите, дипломатите на ЕУ го опишуваат состанокот меѓу Трамп и рускиот претседател Путин во Финска како успешен, барем за Путин. Во друг документ е наведена детална анализа на разговори на европски официјални лица со кинескиот претседател Си Џи Пинг, кој, како што се наведува, го споредил однесувањето на Трамп кон Пекинг како боксерски меч во кој се е дозволено.
„Њујорк тајмс“ пишува и дека хакерите влегле во мрежата и на Обединетите нации, на влијателниот американски синдикат АФЛ-ЦИО, како и на министри за надворешни работи и за финансии.
Марина Ристова
