Финална фаза од измените на највисокиот правен акт
Седум амандмани на Уставниот закон. ВМРО-ДПМНЕ не учествува во комисиската расправа. Сметаат дека Собранието нема легитимитет за измени на највисокиот правен акт. Со спогодбата се потврдува идентитетот и се отвора евроатлантската перспектива за Македонија, велат од парламентарното мнозинство...

Во Собранието, финална фаза од уставните измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат на расправата, бидејќи како што велат, немаат намера да дадат легитимитет на измените на највисокиот правен акт.
Со спогодбата се потврдува идентитетот и се отвора евроатлантската перспектива за Македонија, велат од парламентарното мнозинство.
На Уставниот закон се поднесени седум амандмани. Три од независната пратеничка група на ВМРО –ДПМНЕ, два од Алијансата на Албанците, по еден од БЕСА и од пратеникот на СДСМ Мухамед Зеќири.
Во дел од поднесените амандмани се бара да се овозможи еднаквост во изразување на државјанството на сите граѓани, односно неопределување, ниту прејудицирање на етничката припадност на граѓаните.
Со амандманите се бара и да се вметнат постојните граници на Македонија со соседите, а независните пратеници бараат да се вметнат и гаранции со цел да се осигура позицијата на Република Македонија во спроведувањето на Преспанскиот договор и протоколот за НАТО.
