Економија

Експерти: Македонија да се развива рамномерно

19.12.2018 13:40

Економските експерти ги посочуваат проблемите со кои се соочува државата поради нерамномерниот регионален развој. Речиси над 40 проценти од бруто домашниот производ се создава во главниот град. Оптималната децентрализација се посочува како едно од решенијата. И инфраструктурата е значајна за равојот на земјата...

Јавната администрација да се дислоцира по други градови, да се намали иселувањето, да се врати средната класа- ова беа дел од предлозите на економистите на Конференцијата „Македонија Мегалополис“. Укажуваат дека земјата се соочува со проблеми поради нерамномерниот регионален развој. Над 40 проценти од БДП се создава во Скопје.

Според академик Таки Фити, се поставува прашањето зошто се дозволува да се развива само Скопје. Првиот човек на МАНУ смета дека е потребно да се дискутира за проблемот, како едно од решенијата се посочува оптимална децентрализација.

Инфраструктурата е значајна за равојот на земјата, вели ресорниот министер Сугарески. Појаснува дека наскоро ќе биде готов автопатот Миладиновци- Штип, а веќе се надминати проблемите за делницата Кичево- Охрид.

Учесниците на Конференција алармираа- решенија треба да се донесат што побрзо, бидејќи изумираат селата и градовите во внатрешноста на земјава.

 

Дијана Ценевска