Собрание

Буџетот за 2019-та на Пленарна седница

19.12.2018 13:52

Буџетот за 2019-та година на пленарна седница во законодавниот дом. Министерот за финансии најави повисоки стапки на раст, подобар животен стандард, поддршка за фирмите, капитални инвестиции, социјална правда. Пратениците можат да расправаат пет дена. Опозицијата и мнозинството со меѓусебни обвинувања...

Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.  Ова се клучните цели и приоритети на Владата, што е рефлектирано и во Предлог-буџетот за 2019 година, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во експозе на Предлог-буџетот на Пленарната седница во Собранието.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е 17,7 милијарди денари, односно 2,5% од БДП, што е намалување во однос на годинава за половина милијарда денари, или за 0,2 процентни поени како процент од БДП.

Како што истакна Тевдовски намалувањето на дефицитот најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи.

Предлог- буџетот за 2019-та предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата - рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

За капитални инвестиции се издвојуваат 26 милијарди денари. Во 2019 година планирано е инвестирање во повеќе области. За капитални расходи за патната и железничка инфраструктура планирани се 5,2 милијарди денари. За капитални инвестиции во енергетска и комунална инфраструктура проектирани се 5,5 милијарди денари. За уредување на технолошко индустриските развојни зони планирани се 631 милиони денари. За здравствениот сектор планирани се капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари. За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари.

Предлог-буџетот за 2019 се базира на очекувањата дека во домашната економија ќе продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор. Согласно ваквите очекувања, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%.