Земјоделство

Закуп на парцели до три хектари во 34 региони

19.12.2018 15:04

Објавен е јавен оглас за давање во закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари лоцирано во 34 региони во земјава. Според ресорниот министер Љупчо Николовски годинава со осум јавни огласи биле понудени речиси седум илјади хектари земјиште. Досега се склучени договори за 1.295 хектари, предмет на шест јавни огласи...

Од планираните 12 јавни огласи за давање во закуп на државно земјоделско земјиште 8 се веќе реализирани, а три се во владина процедура. Биле понудени вкупно 6.972 хектара државно земјоделско земјиште, а од шесте јавни повици досега биле склучени 256 договори за закуп на вкупно 1.295 хектари земјиште кои се во процедура на воведување во владение.

„Со овој јавен повик им омозвожуваме на земјоделците, доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес, преку изработка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи“, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Единствено земјоделците треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп, вели Николовски. Овој јавен повик е наменет за целокупното слободно земјоделско земјиште во државата, односно во 34 региони. Посебен проблем на чие решавање се работи е неплаќањето на закупнината, вели Николовски. Иницирани се над 500 постапки за раскинување на договорите со закупувачите кои немаат платено закупнина за повеќе од 3 години, а досега се водат и 212 судски постапки, најмногу за земјоделски парцели во: Гевгелиско, Свети Николско и во Кумановско.

„Се расчисти комплетно случајот со Џумајлија. Се склучија околи 150 договори со поединечни земјоделци, но и за помали блокови, но и за поголеми блокови што беа предмет на јавниот оглас, околу 8 поголеми блокови што беа дадени на заинтересирани правни лица“, вели Николовски.

Се подготвуваат и измени во регулативата. Според постојната ако највисоко рангираниот понудувач се откаже од склучување договор, огласот се поништува и не се нуди второ рангираниот. Исто така ако земјоделецот има еден склучен договор за закуп не може да склучи и втор, што ќе се промени, но ќе се максимира површината во закупот до 10 хектари по еден земјоделец.

 

Свето Николовски