Продолжува комисиската расправа за предлог-амандманите на Уставот
Во Собранието, финалната фаза од уставните измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат на расправата, бидејќи како што велат, немаат намера да дадат легитимитет на измените на највисокиот правен акт. Со спогодбата се потврдува идентитетот и се отвора евроатлантската перспектива за Македонија, велат од парламентарното мнозинство. На уставниот закон се поднесени седум амандмани.
Албанскиот блок партии од опозицијата негодуваат на уставните измени во делот на државјанството каде што пишува Македонско- Граѓанин на Северна Македонија. Сметаат дека на овој начин власта прави моноетничка држава, а корекциите во Уставот се само козметика.
Амандманите се подобрени и власта имаше слух за она што се говореше на јавните дебати, смета Соња Мираковска од НСДП. Панчо Минов, пак, од ГРОМ вели дека ќе размисли како ќе гласа, бидејќи не биле прифатени неговите предлози за неменување на името во преамбулата и постепеното применување за внатрешна употреба.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како и што најавија, не присуствуваа во работата на Уставната комисија. Дебатата во првиот дел не ја следеа ниту од Независната пратеничка група.
Миле Ристески
