Брисел

Лидерите од Западен Балкан на состанок со шефицата на европската дипломатија Могерини

19.12.2018 16:16

Премиерот Заев и другите лидери од Западен Балкан на состанок во Брисел, организиран од шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини. На маса реформите, дијалогот, интеграциските процеси. Шефот на владата ги уверил високата претставничка и првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, дека владата напорно работи на исполнување на Договорот од Преспа...

Пред крајот на годината, Брисел ги собра лидерите од Западен Балкан. На маса, постигнувањата на секоја од земјите- аспиранти за членство во ЕУ, плановите за идната година, актуелната ситуација во регионот по затегнувањето на односите меѓу Белград и Приштина.

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини и еврокомесарот Хан посочуваат дека извештаите за напредокот на 6-те држави ќе зависат од реформите. Македонија се надева дека ќе добие позитивен извештај, по што и официјално ќе ги почне преговорите за членство.

Пред состаникот, премиерот Заев имаше билатералната средба со шефицата на европската дипломатија Могерини и со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск. Оценето дека земјава е на вистинскиот пат, но треба да се спроведе Договорот од Преспа и клучните реформи од Планот 18.

Европските претставници укажале дека ако Македонија продолжи со ова темпо, ако се реализира Договорот од Преспа и ако има имплементација на клучните реформски приоритети, тогаш може да надомести дел од загубеното време во интеграцискиот процес и во јуни официјално да ги почне преговорите за членство.

Премиерот Заев посочил дека напорно работат за да ги исполнат зацртаните цели, при што очекува еднакво залагање и од Грција. Според него, процесот на помирување треба да ги залечи раните од долготрајната политичка криза. Очекува Договорот со Грција со двотретинско мнозинство да помине во Аобранието.

На неформалната средба во Брисел присуствуваа претседателите на Србија, Црна Гора и на Косово, Вуќиќ, Ѓукановиќ и Тачи, како и премирите на Македонија и на Босна и Херцеговина Заев и Звиздиќ. Албанија немаше претставник поради зафатеноста на албанскиот премиер Рама.

Ирина Гелевска