Балетот „Ана Каренина“ премиерно во МОБ
На 25-ти декември во Македонската опера и балет, премиера во два чина на монументалното дело на Толстој- „Ана Каренина“, според музиката на Петар Илич Чајковски. Кореограф е гостинот од Хрватска, Лео Мујиќ кој направи спојување на креациите на двајцата великани...

Голем предизвик е да се направи уметничко дело кое за драматуршка предлошка има двајца великани на руската и нa светска уметност и култура, Лав Николаевич Толстој и Петар Илич Чајковски. Едно од најпознатите светски литературни дела „Ана Каренина“ претставувало инспирација за многу театарски и филмски креации. Сега е пред нас, како инспирација за кореографот Лео Мујиќ и ансамблот на Македонската опера и балет, велат уметниците.
Секој ансамбл заслужува ваква претстава. Јас ја преработив за уметниците на Македонската опера и балет и според нивните желби и потреби, вели кореографот Лео Мујиќ.
„Првпат работам во Македонија и затекнав многу егзотични и убави работи, прекрасни уметници кои заслужуваат од мене да ја добијат својата креација најдобро што може. Зошто Ана Каренина? Зошто верувам во класицизмот на театарот, а наша должност е делата на Толстој да ги одржуваме за идните генарции“, изјави Мујиќ.
Соединувајќи го академскиот балет со модерниот танцов израз, гестови и мимика, со нашиот кореографски ракопис ќе се обидеме да ве „допреме“ сите вас. Впрочем, тоа е и суштината на драмата, да покаже, не да раскаже- велат од Македонската опера и балет.
Александра Спировска
